Пожари што се должат на судирите меѓу екстремистите од Исламска држава и чуварите на најголемите либиски пристаништа, зафатија четири резервоари за складирање на нафта, пренесоа британските медиуми.
Портпаролот на службата за безбедност во либиските нафтени постојки, Али ах Хаси, изјави дека блиските пристаништа Сидра и Рас Лануф се вратени под нивна контрола, но судирите и натаму траат. Според него, во претходните два дена најмалку девет чувари биле убиени и над 40 ранети во судирите во периметарот на регионот. Чуварите откриле тела на 30 борци на Исламска држава и од рацете на екстремистите презеле два танка и други машини.
Пожарникарите се борат да ги изгаснат трите пожари во Сидра и едниот во Рас Лануф. Два од пожарите се предизвикани од гранатирање од страна на Исламска држава, а потоа огнот зафатил уште два.
Пристаништата Сидра и Рас Лануф се затворени од декември 2014 година. Тие се разместени на исток од градот Сирт, што е под контрола на Исламска држава, и од источниот град Бенгази.
Четири години по востинието, со кое од власта беше соборен Моамер ел Гадафи, Либија е поделена меѓу соперничките политички фракции и вооружени групи, кои се борат за власт и за контрола врз нафтеното богатство на земјата. Од тогаш производството на нафта опадна од над еден милион барели дневно на околу 400.000 барели на ден.
Исламска држава го користи недостигот на безбедност за да го прошири своето присуство, но засега не ја прзеде контролата врз нафтените инсталации во земјата, потсетувата британските медиуми.