Во големите поплави, кои погодија две австралиски држави денеска загинаа четири лица, а илјадници се евакуирани од нивните домови, додека воздушниот и железничкиот сообраќај, како и производството на јаглен се во прекин.
Во некои области во Квинсленд и Нов Јужен Велс изминатите три дена наврнаа повеќе од 200 милиметри дожд, што предизвика излевање на реките и поплавување на населени места. Најтешко се погодени областите околу местото Бундаберг, Рокхемптон и Ипсвич во државата Квинсленд и Графтон и Лизмор во северниот дел на Нов Јужен Велс.
Флота од 14 хеликоптери синоќа спаси повеќе од илјада лица во Квинсленд, а спасувачките операции продолжуваат и денеска.
– Жестоките временски услови ширум Квинсленд им ги скршија срцата на многумина изјави австралиската премиерка Џулија Гилард.
Меѓу загинатите е и тригодишно момче, кое почина во болница, откако врз него падна дрво додека со неговата мајка ја набљудувал поплавата во делови на Бризбен, трет по големина град во Австралија.
Во Бундаберг, еден од градовите кои се најтешко погодени, поплавени се повеќе од две илјади куќи, а 7.500 лица се евакуирани.
Но овогодишните поплави се значително помали, отколку тие во 2011 година, кога Бризбен беше поплавен, а материјалната штета изнесуваше 6,6 милијарди австралиски долари (6,87 милијарди америански долари).