Најмалку четири лица денеска загинаа, а 17 се повредени во експлозии, чија цел бил кандидатот за претседателските избори во Авганистан со најголеми шанси за победа, Абдулах Абдулах, објави на Твитер заменик министерот за внатрешни работи Мухамед Ајуб Саланги.
– Четири лица загинаа, а 17 цивили се повредени во две експлозии во Кабул. Загинаа телохранителот на Абдулах, еден полицаец и двајца цивили, напиша Саланги.
Претходно, Абдулах по нападот соопшти дека две бомби биле фрлени врз неговиот конвој по заминувањето од изборниот митинг во Кабул, истакнувајќи дека тој не е повреден.
Граѓаните на Авганистан на 14 јуни во вториот круг од претседателските избори треба да изберат меѓу поранешниот шеф на авганистанската дипломатија Абдулах Абдулах и поранешниот претставник на Светска банка Ашраф Гани наследник на досегашниот шеф на државата Хамид Карзаи.
Гани го осуди нападот на својот противкандидат, нагласувајќи дека „тоа е чин на непријателите на Авганистан со цел да се попречи демократскиот процес во земјата“.