Чешките претседателски кандидати ја вжештија кампањата со меѓусебни напади

Од:

Пред вториот круг на изборите за претседател на Чешка, кога на 25 и 26 јануари ќе се избира наследникот на Вацлав Клаус, кулминира борбата меѓу двајцата кандидати, актуелниот министер за надворешни работи, со благородничко потекло Карел Шварценберг и поранешниот социјалдемократски премиер Милош Земан.

Коректната предизборна кампања која го карактеризираше првиот круг на изборите прерасна во отворена битка во која не недостасуваат обвинувања за тоа кој е поголем Чех или чие минато е „понечисто“, јави дописникот на МИА од Прага.

Една од најважните алатки за добивање на гласачи, според политиколозите и експертите за онлајн медиуми во последните денови се и социјалните мрежи. Анализата на компанијата „Сошлбејкерс“ покажува дека ситуацијата во интернет медиумите е речиси изедначена. Благодарејќи на масивната негативна кампања која ја започна Земан, тој го „запоседна“ просторот во медиумите, додека Шварценберг го задржа приматот на социјалните мрежи, кој го имаше и во првиот круг на изборите. Шварценберг е омилен кај 3,73 проценти од чешката фејсбук популација и има речиси пет пати поголем број на фанови од Земан кој делува кај 0,59 проценти од корисниците.

Но, и на Фејсбук, Шварценберг не го одбегна негативната кампања, која започна веднаш по првиот круг, особено откако се појави дебатата во врска со неговата изјава за декретите на поранешниот чехословачки претседател Едвард Бенеш. Врз нивна основа по Втората светска војна, од земјата беа протерани над три милиони Судетски Германци, кои останаа без своите граѓански права и имоти. Оваа изјава со особено внимание беше објавена и кај чешките соседи, Германија и Австрија.

– Јас секогаш велев и на тоа сега инсистирам, дека она што го направивме во 1945 година денес би било осудено како грубо кршење на човековите права. Веројатно тогашната влада и претседателот Бенеш би се нашле во Хаг, изјави Шварценбер.

На ова веднаш реагираше претседателот Клаус, кој смета дека на чешката јавност не и е и не може да и биде сеедно кога се прават обиди за преиспитување на повоените случувања.

Шварценберг се огради од критиките на Клаус, потенцирајќи дека не ги негира поствоените аранжмани и дека ничиј имот во Чешка според него не е загрозен.

– Му препорачувам на претседателот Клаус, добро да прочита што навистина сум кажал, а што не. По злосторствата на нацистите, луѓето размислуваа поинаку отколку ние денес. Судот во Хаг беше формиран за да се казнат слични злосторства во поранешна Југославија какви што тогаш се случуваа кај нас, рече Шварценберг.

За Милош Земан, тие документи се составен дел од чешкиот правен систем. Шварценберг во своја одбрана, ги обвини Земан и Клаус како моќна група која ги мами чешките избирачи. Тој истакна дека нивното здружување трае уште од 1998 година кога го потпишаа „опозицискиот договор“ за соработка меѓу нивните партии, левичарската ЧССД и десницата ОДС со цел да функционира малцинската влада на Земан (1998-2002).

Во битката со Шварценберг се вклучи речиси целото семејство на актуелниот чешки претседател. Неговиот син, Вацлав Клаус помладиот, кој е директор на приватна гимназија во Прага, укажа дека таткото на Тереза, сопругата на Карел Шварценберг, бил активен нацист. Тој дури и отворено пред медиумите се потсмеваше со Шварценберг имитирајќи го неговиот неправилен изговор на чешките зборови, што наиде на осуда кај јавноста која смета дека таква комуникација не му одговара на еден просветен работник.

Првата дама Ливија Клаусова, исто така, индиректно покажа дека „навива“ за Земан откако отворено изјави дека би и пречело новиот станар на претседателската резиденција да биде жена која не знае да зборува чешки, алудирајќи на сопругата на Шваценберг која живее во Виена.

Би можело да ве интересира

Маж со нож рани три лица на бензинска пумпа во Прага

Страшна несреќа во Чешка: Повредени се пет лица

(ВИДЕО) Судар на возови во Чешка: четворица мртви, десетици повредени

Катерина Ѓуровски

Чешкиот претседател имаше сообраќајка, пренесен е во болница

(ВИДЕО) Торнадо во Чешка подигна трамболина, а камењата летаа насекаде

Ден на жалост во Чешка