Парламентарните партии во Чешка се согласуваат дека единствено решение од политичката ситуација во земјата е распуштање на Парламентот и распишување на предвремени избори, јави дописникот на МИА од Прага.
Ова доаѓа, по синоќешното неизгласување на доверба од Парламентот за премиерот Јиржи Руснок, комумандатот претседателот на државата Милош Земан му го даде пред извесно време, по оставката на Петр Нечас, откако беше објавена аферата со незаконско прислушување и корупцискиот скандал со негови блиски соработници.
Руснок, кој не доби мнозинска пратеничка поддршка, целата ситуација ја оцени како „чесен пораз“. Тој смета дека именувањето на новата техничка Влада придонесе да се „катализира“ политичката сцена кон релативно брзо распуштање на Парламентот.
– Нашата Влада секако дека ќе поднесе оставка според уставниот поредок во рацете на претседателот на Републиката и според неговите препораки претпоставувам дека и натаму ќе ги исполнуваме основните функции на управување, изјави Руснок.
Иако, според очекувањата, Руснок не успеа да добие поддршка од Собранието, не успеа ни планот на поранешната владејачка коалиција (Граѓанската демократска партија, ОДС, ТОП 09 и ЛИДЕМ) кои сакаа да побараат од Земан да им даде можност да формираат сопствен десничарски Кабинет.