Чешкиот претседател Вацлав Клаус во својот новогодишен говор најави делумна амнестија со која се простуваат некои одложени условни казни за лицата кои годинава ќе наполнат 70 години.
Според Клаус, како што пренесе дописникот на МИА од Прага, неговата одлука е во чест на одбележувањето на 20-годишнината од разделувањето на Чешката и Словачката Федеративна Република и создавањето на самостојна Чешка.
Одлуката на Клаус не ги опфаќа кривичните дела сторени од бегалци и не се однесува на убиства или дела сторени против достојноста во сексуалната област како и кривични дела против семејствата и децата.
Амнестијата не се применува и на луѓе кои во изминатите пет години пред 1 јануари годинава биле осудени на казна затвор или кои во тој период биле ослободени од затворска казна. Амнестијата се однесува и на осуденици на јавно општествена работа и домашен притвор на сите лица кои не почнале да ја отслужуваат казната.
– Прашањата околу амнестијата не би ги коментирал. Но, можам да ве уверам дека во моментот затворската служба во соработка со Министерството за правда интензивно работи на утврдување на бројот на осудени лица кои ќе бидат амнестирани, изјави за весникот ,,Право”, заменик министерот за правда Даниел Волак.
Според него амнестијата ќе опфати неколку илјади лица, но предупредува дека секој случај ќе биде разгледуван индивидуално од специјална работна група.
– Секако не би правел паника дека затворите би ги напуштиле илјадници лица. Секој случај на секој осуденик ќе се разгледува и кај секого ќе се споредува текстот на претседателската амнестија со неговиот конкретен пример, додаде Волак.