Мирослава Немцова, претседателка на Долниот дом на чешкиот Парламент за следниот петок, на 16 август, ја закажа седницата на која пратениците ќе гласаат за самораспуштање, јави дописникот на МИА од Прага.
– Единствена точка на Дневен ред ќе биде предлогот за изјаснување на Собранието, со кој на претседателот на државата според Уставот му се предлага самораспуштање на Парламентот, соопшти собраниската прес-служба.
Барањето за вонредна седница за распуштање на Парламентот го поднесоа претставниците на Чешката социјалдемократска партија (ЧССД), партиите ТОП 09 и Општествени работи и Комунистичката партија, кои тврдат дека имаат повеќе од потребните 120 гласови за да се обезбеди самораспуштање.
До самораспуштање на чешкиот Парламент ќе владее техничката Влада на премиерот Јиржи Руснок, која беше назначена минатиот месец, но не ја доби парламентарната доверба.
Претходната централно-десничарска Влада на премиерот Петр Нечас, беше разрешена по оставката на Нечас, откако беше откриено дека негови најблиски соработници и сопартијци учествувале во корупциски скандал и незаконско прислушување на неговата поранешна сопруга.
Вонредните парламентарни избори би требало да се одржат наесен.