Чешкиот претседател Милош Земан вчера изјави дека ја разгледува можноста за формирање технократски кабинет, со кој ќе ја замени владата на премиерот Петар Нечас, кој пред неколку дена поднесе оставка поради корупциски скандал.
Левичарскиот претседател рече дека постои можност да не се согласи со планот на владеачката коалиција на десниот центар да формира нов кабинет, на чие чело би била сегашната претседателка на Долниот дом на парламентот, Мирослава Немцова, а кој би владеел до изборите закажани за мај идната година.
Во едно интервју Земан изјави дека во опција се четири кандидати за шеф на технократската администрација, иако тоа би можело да доведе до судир помеѓу политичките партии и да предизвика предвремени избори.
-Ова е опција која не е многу разгледувана, а која што јас ја сметам за реална. Опција која што ја нарекувам кабинет на експерти- изјави Земан , истакнувајќи дека конечната одлука ќе ја соопшти во вторник попладне, пренесе „Ројтерс“.
Земан е првиот претседател на Чешка кој што е избран со директно гласање, поради што тој смета дека има поголема надлежност од своите претходници.
Тој има исклучиво право да го избере следниот премиер, но неговата одлука би можела да трае само околу три месеци, бидејќи повеќето политички партии најавија дека ќе го поддржат планот на опозицијата да се распушти парламентот и да се распишат вонредни избори оваа есен.
Елена Георгиевска