Чешка: Во сила амнестијата која ја прогласи претседатателот Клаус

Од:

Во Чешка од денеска е во сила амнестијата која ја прогласи претседатателот Вацлав Клаус и која ја потпиша премиерот Петр Нечас и од утрината веќе започна постапката за ослободување на некои затвореници.

Како што јави дописникот на МИА од Прага, според последните информации на Министерството за правда амнестијата може да опфати околу 7.000 лица.

Помилувањето од помасовни размери опфаќа простување на изречени затворски казни изречени до 1 јануари 2013 година и за лица кои годинава ќе наполнат 70 години, а биле осудени на затворска казна до 10 години како и лица осудени на една година и две години затвор, а се уште не почнале да ја издржуваат казната.

Дел од амнестијата на чешкиот претседател е и намалување на казната затвор за лица осудени до две години. За нив преостанатото време од издржувањето на казната ќе се смета за условна казна.

Со одлуката се помилуваат и осуденици на јавно општествена работа и домашен притвор.
Амнестијата, чешкиот претседател Вацлав Клаус ја најави во својот новогодишен говор образложувајќи дека е донесена  во чест на одбележувањето на 20-годишнината од разделувањето на Чешката и Словачката федеративна Република (ЧСФР) и создавањето на самостојна Чешка.

Одлуката на Клаус не ги опфаќа кривичните дела сторени од бегалци и не се однесува на убиства или дела сторени против достојноста во сексуалната област како и кривични дела против семејството и децата.

Пропуштањето од затвор се врши со судска одлука и поради тоа во затворите веќе се присутни судиите од регионалните и окружните судови.

Некои случаи ќе се разгледуваат индивидуално од специјална работна група,
– Од  организациска гледна точка ништо друго не ни преостанува, изјави заменик министерот за правда Даниел Волак, според кого во затворите ќе бидат присутни и јавни обвинители за да може на лице место да се откажат од правото на приговор.

Сите амнестирани би требало да излезат од затвор во наредните неколку денови.
Амнестијата на Клаус, со оглед на тоа што изборите за нов претседател ќе се одржат на 11 и 12 јануари, повеќето политичари ја почитуваат, но се појавија и критички гласови.
Кандидатот за претседател и потпретседател на Чешката социјалдемократска партија (ЧССД) Јиржи Динстбир му забележа на Клаус дека од амнестијата не ги исклучи осудените за корупција и стопански криминал.

– Претседателот ги амнестираше и луѓето осудени за корупција и други сериозни кривични дела од стопанската област и од тоа навистина сум огорчен, рече Динстбир.

Сомневања за амнестијата изрази и еден од фаворитите за нов претседател на Чешка, Милош Земан, додека поранешниот премиер и исто така претседателски кандидат кој на анкетите доби огромна поддршка од Чесите, Јан Фишер ја почитува одлуката за помилувањата.

– Амнестијата е претседателско право, затоа имам респект. Самиот не би прогласувал амнестија, но затоа одговорно би пристапувал кон индивидуалните барања за помилување и би поддржувал програми за вклопување на лицата во општеството по отслужувањето на казната, додаде Фишер.

За поранешниот премиер Мирек Тополанек, амнестијата е разумна и причината ја смета за силна, но смета дека тоа нема да го реши проблемот на преполнетост на чешките завори.

Би можело да ве интересира

Фиала: Русија повеќе не може да не уценува

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Силна експлозија во ресторан: Шест мртви, осум повредени

Предраг Петровиќ

Маж зема воспитувачка како заложник, па и се закануваше со нож, драма во градинка во Чешка

Мигранти пронајдени во камион во Чешка, една жена почина

Маж со нож рани три лица на бензинска пумпа во Прага

Страшна несреќа во Чешка: Повредени се пет лица