Централните делови на САД веќе неколку дена се зафатени од многу ниски температури, а во некои населени места во сојузните држави Илиноис, Минесота, Северна Дакота, Висконсин и Мичиган температурите паднаа до минус 37 степени Целзиусови.
Заладувањето на голем дел од територијата на САД се должи на арктичкиот циклон, што пред неколку дена се спушти од Канада, каде на некои места температурите достигнаа до минус 40 степени.
Властите на голем број градови отворија специјални топли засолништа кои нудат помош на граѓаните.
Лошото време предизвика голем број катастрофи на патиштата. Во Охајо едно 12 годишно момче загина во верижен судир на 80 автомобили. Вчера во државите погодени од студениот бран беа затворени некои автопатишта.
Според синоптичарите арктичкиот циклон се движи кон источните делови на САД. Тој веќе се чувствува во државите Њујорк и Њу Џерси. Во Менхетен вчера беше минус 15 степени Целзиусови.