Цената на нафтата се стабилизираше во средата над 114 долари со оглед дека загриженоста за безбедноста во снабдувањето од Блискиот исток натежна над назнаките за забавување на глобалниот економски раст.
Барел сирова нафта во средата се продава речиси по непроменета цена на лондонската берза, од 114,55 долари, откако вчерашниот ден го заврши со раст од два отсто, надминувајќи 114 долари прв пат од 18 септември, што се должи на ескалацијата на турско-сириската напнатост. На американската берза со барелот се тргуваше по 25 центи пониска цена од 92,14 долари, а вчера поскапе за три долари.
Несклоност кон ризик на финансиските берзи му дадоа поддршка на доларот, особено откако вчера ММФ предупреди на продлабочување на должничката криза во еврозоната.
Извештајот на ММФ, во кој е ревидирана проценката за раст на светската економија, падна во втор план. Закачките на турско-сириската граница, напнатоста меѓу Иран и западот и претстојните избори во Израел ја зголемија загриженоста за можно пореметување во снабдувањето од Блискиот исток.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот распиша предвремени избори со цел да ја зајакне својата политичка позиција пред евентуална воена интервенција против Иран.
„Нуклеарниот спор со Иран ќе биде предизборна тема во Израел, а тоа би можело да поттикне раст на цената на нафтата во наредните недели. Трендот го поттикнуваат и напнатостите меѓу Турција и сирија“, вели Карстен Фрич од Commerzbank.