Претседавачот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и швајцарски претседател Дидие Буркхалтер го осуди киднапирањето на тимот меѓународни набљудувачи во Украина и нагласи дека ОБСЕ „работи на сите нивоа“ за нивно ослободување.
Преговарачите на ОБСЕ успеаја вчера да ослободат само еден од осуммината инспектори на Организацијата, кои како „воени заробеници“ ги држат проруските сепаратисти во источна Украина.
Буркхалтер изјави дека притворањето на невооружените инспектори и нивните домаќини од украинското Министерство за одбрана е „неприфатливо“ и оти „безбедноста на сите меѓународни набљудувачи во земјата мора да биде гарантирана и обезбедена“.
Буркхалтер изјави дека киднапирањето е спротивно на договорот постигнат на 17 април во Женева, меѓу Русија, САД и Европската унија со цел деескалација на тензиите во Украина.
Поздравувајќи го ослободувањето на шведскиот набљудувач како „позитивен чекор“, ОБСЕ соопшти дека продолжува „на сите нивоа да помогне во ослободувањето на сите притворени, вклучувајќи ги и контактите на високите политички нивоа“.
Портпаролот на сепаратистите изјави дека шведскиот набљудувач е ослободен прв, бидејќи боледува од дијабетис.
Сепаратистите и натаму држат седуммина набљудувачи од Германија, Полска, Чешка и Данска и четворица украински офицери, кои сите заедно беа киднапирани во петокот.