Десетици мигранти, главно Алжирци, учествуваа во бунт што избувна минатата ноќ во еден центар за бегалци и азиланти во Мадрид, откако разгневената толпа го искршила мебелот, а потоа се искачила на покривот од зградата.
Шпанските медиуми јавуваат дека бунтот траел повеќе од 12 часа, пред мигрантите да решат да се симнат од покривот.
Највоинствените демонстранти ги покриле безбедносните камери во центарот и ја оштетиле безбедносната врата, а потоа на покривот истакнале голема парола со која барале „слобода и достоинство“.
Инцидентот се случил во центарот за азиланти во Алуче, во западниот дел од шпанскиот главен град.
Бунтот го покрена прашањето за тоа какви се условите во осумте центри за мигранти и бегалци во Шпанија, како и за односот на полицијата кон овие луѓе.
Хуманитарните организации од претходно ја предупредуваат домашната јавност за лошите услови во кои живеат мигрантите, бегалците и барателите на азил.
Шефот за безбедност на градскиот Совет на Мадрид, Хавиер Барберо изјави дека причина за бунтот најверојатно е сознанието дека шпанските власти ќе депортираат определе број мигранти, кои нема да добијат дозвола за престој во Шпанија.
Претставник на полицијата изјави дека најагресивните демонстранти, фрлале камења и парчиња мебел по силите на редот.
Тој нагласи и дека никој од учесниците во бунтот немал оружје, како и дека нејкој не е повреден во овој инцидент.