Нигерскиот претседател Мухамаду Бухари ја критикуваше забраната на владата на САД, да и се испорачува оружје на Нигерија.
– САД практично и помагаат на Боко Харам, одбивајќи да испорачуваат оружје за нигерската армија, изјави претседателот Бухари.
Во понеделникот, нигерскиот претседател се сретна во Вашингтон со американскиот претседател Барак Обама. Во текот на разговорите во Белата куќа, една од главните теми била барањето на Нигерија за оружје и поголема американска соработка во борбата, што владините сили ја водат против милитантната исламистичка група Боко Харам.
Објаснувањето на официјален Вашингтон за одржување на забраната за оружје за Нигерија е дека американските закони не дозволуваат продавање и испорака на оружје на земји каде се прекршуваат, или не се почитуваат човековите права.
Од 2009 година, припадниците на оваа исламистичка група имаат убиено повеќе од десет илјади лица и киднапирано стотици млади девојки и жени.
Боко Харам настојува да ја потисне нигериската армија од северот на оваа голема африканска земја, во обид таму да се формира исламистичка држава Нигерија, која би се управувала според шеријатското право.