Спасувачките екипи пронајдоа уште 11 тела на жртви од поплавите на Филипините, со што бројот на загинати во невремето достигна 64 лица, додека најмалку 850.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.
Шефот на филипинската агенција за природни катастрофи Бенито Рамос, изјави дека се поплавени околу 60 проценти од Манила, главниот град во кој живеат околу 12 милиони луѓе.
– Ние бараме од луѓето кои живеат долж поплавениот брег да се евакуираат. Доколку постои потреба да ги принудиме, ние тоа ќе го направиме заради нивна безбедност, истакна Рамос.
Владините метеоролошки служби предвидуваат дека интензитетот на монсунските дождови во Манила и околните провинции постепено ќе ослабне и дека се очекува сончев период.
Иако, Филипините минатата недела избегнаа директен удар од тајфунот „Саоле“, земјата сепак остана парализирана од поројните монсунски дождови.
Ова се најлошите поплави од 2009 година, кога во невремето што ги зафати Филипините загинаа неколку стотици луѓе.