Бројот на жртвите од пожарот во букурешкиот ноќен клуб „Колектив“, што се случи на 30 октомври, веќе нарасна на 50 лица, информира денеска весникот „Романија либера“.
Утринава починало и настрадано лице кое беше префрлено за лекување во Велика Британија.
Повеќето пациенти, кои починаа во последните неколку дена, имале компликации како резултат на здобиените изгореници.
Според професор Јоан Ласкер од болницата за итна помош „Флореска“, по петтиот ден настапува најтешкиот период за пациентите во критична состојба.
Агенцијата ТАСС соопшти дека во болница во Ливерпул синоќа починал уште еден од настраданите во пожарот, кој имал изгореници на 60 проценти од телото.
Неколку држави, меѓу кои Холандија, Норвешка, Швајцарија, Австрија, Белгија, Германија и Израел, одговорија на молбата на романските власти и се согласија во нивните болници да прифатат настрадани од пожарот во Букурешт. Во овие држави беа транспортирани 35 настрадани, а некои не го издржаа патувањето, додека други починаа во локалните болници.
Веднаш по пожарот беше соопштено за 27 загинати и 200 ранети. Оттогаш бројот на жртвите постојано расте. Министерството за здравство соопшти дека од 76 повредени, кои се наоѓаат во болниците во Букурешт, 24 се уште се во критична состојба.
-Бројот на жртвите може да расте и оваа недела е критична за настраданите, изјави професор Јоан Ласкер.