Уште шест лица денеска починале од здобиените повреди во минатонеделниот пожар во ноќниот клуб во Букурешт, со што бројот на жртви се зголеми на 38 лица, пренесоа американските медиуми.
Четири од нив починале во болниците во Букурешт, додека другите двајца починале во Холандија, каде биле префрлени на лекување.
Привремениот романски премиер Сорин Кампану информира дека 109 настрадани лица во пожарот се уште се наоѓаат во болница, а од нив дури 48 се во критична состојба.
Пожарот избувна на 30 октомври во ноќниот клуб „Колектив“ за време на пиротехничко шоу. Многумина настрадаа во паничен обид да излезат од клубот преку единствениот излез. Во толпата беа повредени 180 лица.
Доцна синоќа неколку илјади демонстранти се собраа во Букурешт на четвртиот по ред протест со развиорени национални знамиња и барања за подобро владење и сузбивање на корупцијата.
Обвинителството за борба со корупцијата денеска соопшти дека е издадена наредба за приведување на Кристијан Попеску Пиедоне, градоначалник на регионот во кој се наоѓа клубот „Колектив“, кој во екот на протестите поднесе оставка на функцијата, пренесоа британските медиуми.
Во досегашната истрага е утврдено дека Пиедоне го издал одобрението за работа на клубот и покрај фактот дека немало одобрение од противпожарната служба, а со таквата своја постапка во опасност го довел животот, здравјето и безбедноста на посетителите и персоналот на клубот.
Тројцата сопственици на клубот беа приведени на 2 ноември. Романскиот генерален обвинител Тибериу Ницу изјави дека на тројцата им се закануваат 25 години затвор или доживотен затвор.