Пратениците во британскиот Парламент избрани во изборните единици во Шкотска,не ќе може да расправаат за законите кои ќе се однесуваат за прашања врзани само за Англија или Велс, туку само да гласаат за нив во завршната фаза од нивното донесување.
Ова е основната суштина на предлогот за промена во работата на Парламентот на Велика Британија, што го понуди Конзервативната партија на премиерот Дејвид Камерон во рамките на реформите со кои Парламентот во Шкотска треба да добие уште поголеми овластувања од оние што сега ги има со Законот за деволуција.
Понудата, шкотскиот Парламент во Единбург да има овластувања и во областа на даноците и даночната политика беше дадена од главните британски политички партии, преку заедничка декларација на нивните лидери, пред гласањето на референдумот за независност на Шкотска во септември минатата година.
Во таа декларација лидерите на конзервативците, лабуристите и либералдемократите ветија зголемување на деволуцијата и повеќе овластување за Холируд, доколку шкотските гласачи го отфрлат педлогот за отцепување на Шкотска од Велика Британија.
Веднаш по победата на унионистите над сепаратистите, премиерот Камерон најави дека ветувањето ќе биде исполнето, но дека заедно со него ќе се уреди и англиската „деволуција“ на која инсистираат ториевци од Англија, за „англиски гласови, за англиски закони“. Тоа практично значи, само англиските пратеници да одлучуваат за англиски закони, а не и оние од шкотските изборни единици.
Лидерот во Долниот дом на британскиот Парламент, Вилијам Хејг изјави дека понуденото предлог-решение претставува „еволуција во работата на Вестминстер“, оценувајќи дека тоа е „фер решение“ затоа што сега Англија ќе има контрола врз определувањето на даночните стапки, онака како што Шкотска ќе има за стапките на даноците за нејзината територија.
Според ова решение, пред еден нацрт- закон кој се однесува само за Англија да се стави на гласање во Долниот дом, за него ќе расправаат само пратениците избрани во англиските изборни единици. Ако нацрт-законот се однесува и за Велс, тогаш во расправата ќе учествуваат и пратениците избрани во велшките еиници.
Нацрт-законот не ќе може да оди на усвојување за да стране закон, без да ја помине расправата во новосоздадениот Велики англиски комитет, во чија работа може да учествуваат само англиските, а понекогаш и велшките, пратеници.
Пратениците од сите делови на Велика Британија ќе имаат право да учествуваат само во завршното гласање, кога документот ќе се усвојува во Долниот дом.
Хејг вели дека овој предлог е најмалку радикален од трите за колку се водела расправа. Не поминал предлогот за формирање посебен Парламент на Англија, покрај шкотскиот Парламент и Собранијата во Велс и во Северна Ирска.
Опозициската Лабуристичка партија бара за ваквото решение што го нудат конзервативците да има меѓупартиска расправа и договор на сите партии.
Проториевските весници го поздравија понуденото решение за кое „Дејли Телеграф“ вели дека е „избалансирано“. Пролабуристичкиот „Гардијан“, меѓутоа предупредува дека станува збор за „играње со оган“.