Лидерот на британските лабуристи Ед Милибанд изјави дека неговата партија нема да прави коалиција со Шкотската национална партија (СНП), одбивајќи ја на тој начин понудата на лидерот на шкотските сепаратисти Никола Старџен за создавање „прогресивна алијанса“ против конзервативците на Дејвид Камерон.
– Не можеме да создадеме коалиција, затоа што меѓу нас (лабуристите и СНП) постојат фундаментални разлики околу поддршката на Старџен за шкотската независност, рече Милибанд.
Лидерот на лабуристите учествуваше во предизборната телевизиска дебата, во која беа и лидерот на Партијата за независност на Обединетото Кралство (УКИП) Најџел Фараж.лидерот на Партијата на зелените Натали Бенет и на велшката национална партија Плајд Кимру, Лин Вуд.
Камерон, како и лидерот на либералдемократите Ник Клег не учествуваа во соочувањето со лидерите на другите британски партии за кои се верува дека ќе изборат место во новиот состав на Парламентот, по изборите што ќе се одржат на 7 мај.
Лидерот на ториевците претходно изјави дека нема да учествува во тв дебатите, освен во првата минатиот месец, на почетокот од изборната кампања ,а Клег објасни дека не доаѓа затоа што го нема Камерон.
Во синоќешната дебата, лидерките на двете националистички партии од Шкотска и Велс-Старџен и Вуд, како и Бенет од Зелените, инсистираа за формирање една левичарска алијанса и ги повикуваат лабуристите, како најголемата партија од левиот блок да бидат дел од еден ваков изборен сојуз.
– Ова се избори за создавање алтернатива на мерките за буџетските скратувања, изјави Старџен, остро критикувајќи ја досегашната политика на владата, предводена од ториевците. Таа ги повика лабуристите да бидат похрабри за да ги донесат промените кои се неопходни и кои им се потребни на сите (во Велика Британија) и му порача на Милибанд, со своето спротивставување,да не му отвара пат на Камерон, одново да се врати како премиер во Даунинг стрит 10.
Милибанд инсистираше дека неговите лабуристи водат кампања за да извојуваат уверлива победа и самите да формираат влада.
Спротивставувањето на коалицирањето со СНП потекнува од минатогодишниот референдум во Шкотска,за отцепување на овој дел од Британија. Старџен и тогашниот лидер на СНП Алекс Салмонд кои ја покренаа инцијативата за референдумот,по поразот изјавија дека остануваат на сепаратистичките позиции. Новата лидерка Старџен порача дека „кога-тогаш Шкотска ќе биде независна“ и изјави дека кога ќе дојде време, во земјата одново ќе има референдум.
Лабуристите кои повеќе од половина век доминираа на шкотската политичка сцена, иако на два пати беа поразени од СНП на тамошните избори за Парламентот во Единбург, успеаја да ги покренат своите гласчи и практично, сами да ги совладаат сепаратистите.
СНП која идеолошки е левичарска партија, па со своите популистички и социјални мерки, одржува висок рејтинг кај гласачите и покрај поразот на референдумот, верува дека првпат ќе ги совлада лабуристите и на изборите за Парламентот во Лондон, па затоа им нуди на лабуристите анти-тори коалција. Старџен на неколкупати досега повтори дека таа и СНП може да му обезбедат на Милибанд да стане премиер.