Педесет и шестгодишниот британски милионер Џејмс Мекормик е обвинет за продажба на лажни детектори, за откривање на бомби во Ирак и други држави.
Мекормик во лондонскиот суд Олд Бејли е прогласен за виновен за измама и продажба на потполно неефикасни уреди.
Се проценува дека тој заработил 59 милиони евра со продажба на три свои модели на детектори, на Ирак, Белгија и САД за користење во Либан.
Според обвинителот Ричард Вајтам, тие уреди не работеле и тој знаел дека не ја вршат својата функција.
Мекормик е пуштен на слобода со кауција до 2-ри мај, кога ќе му биде изречена пресудата, пренесе „Франс прес“.
Се претпоставува дека англискиот бизнисмен само од продажба на лажниот апарат во Ирак заработил околу 37 милиони фунти, а меѓу неговите клиенти биле и Грузија и Нигерија.
Мекормик изјави дека детекторите ги продавал и на египетската армија, кенијска полиција, хонгконгшката затворска служба и тајландската гранична контрола.
Детекторите се продавани ширум светот по пат на Интернет. Во рекламниот материјал се тврдело дека се користат за пронаоѓање на експлозив, наркотици, и луѓе.
Елена Георгиевска