Британски адвокатски фирми очекуваат голем број тужби за нарушување на приватноста, откако лични податоци од вебстраницата за вонбрачни врски „Ешли Медисон“ и други сајтови за запознавање станаа цел на хакерски напад.
Адвокатите веќе ги советуваат своите клиенти за процедурите за развод, јави ДПА.
Најпознатата фирма за консултации во областа на врските „Рилејт“ почнала да прима писма од повеќе вознемирени личности, кои откриле детали за своите партнери меѓу податоците објавени од хакерите, познати како „Ударна група“, пишува „Тајмс“.
Правната фирма „Милс енд Рив“ веќе советувала омажена жена, која утврдила дека нејзиниот сопруг е меѓу 1,2 милини корисници, чии податоци биле цел на хакерскиот напад.
„Рилејт“ им нуди помош на корисниците на „Ешли Медисон“, кои би можеле да се соочат со „срам, вина или немир“ по хакерскиот напад, нагласува компанијата на својата веб страница. Таа ги советува и партнерите на луѓето, чии податоци се обелоденети како да ги надминат чувствата на гнев, лутина и страв.
Хакерите во вторникот објавија втора група на податоци од „Ешли Медисон“, чие мото е „Животот е краток, најдете си вонбрачен партнер“.
Сајтот, сопственост на компанијата „Авид Лајф Мидиа“, регистрирана во Канада е едно од најпознатите имиња во областа на неверствата и вонбрачните врски и тврди дека го користат илјадници мажи и жени кои ги изневеруваат своите партнери.