Британскиот премиер Дејвид Камерон соопшти денеска дека владата подготвува екстра вложување од 1,1 милијарда фунти за модернизација и опремување на одбраната и на безбедносните сили.
Зборувајќи на традиционалната воздухопловна изложба во Фарнборо, премиерот Камерон објасни дека 800 милиони ќе се искористат за инвестиции во нова класа летала и опрема за надгледување и прислушување, а 300 милиони фунти за набавка на нов патролен брод-мразокршач и специјална радарска техника.
Станува збор за беспилотни летала за бритаските специјални сили и за разурнавачки потреби неопхдони во борбата против тероризмот.
Со обезбедувањето дополнителни 1,1 милијарда фунти се овозможува продолжување на работата шпионските авиони на британското кралско воено воздухопловство (РАФ) барем до крајот на 2018 година.
Според програмата за реорганизација на воените сили, направена во 2010 година, од тогашната влада на премиерот Гордон Браун, беше предвидено приземјувања на ваквите авиони, по што 12 илјади лица беа листата за добивање на отпремнина по укинувањето на работните места.
– Парите што ги обезбедивме и опремата што ќе се набави не се за пресметка со тенкови во Централна Европа, туку за новата и софистицирана закана со која се соочуваме, рече премиерот Камерон, објаснувајќи дека земјата мора да се опреми за обезбедување сигурност на Велика Британија, за запирање на тероризмот на неговото извориште, пред да се најде на британска почва.
Премиерот Камерон тврди дека целиот проект претставува „пополнување на црната дупка“ оставена од претходната влада, но опозиционите лабуристи ја обвинија владеачката коалиција дека и беа потребни четири години за да се свртат кон потребите на одбранбените и безбедносните сили.
Од мај 2010 година, кога владата на Камерон ја формираше владата, ова е првпат таа да најави средства за подзасилено опремување на армијата и за безбедносните сили.
Во рамките на политиката за кратење на буџетската потрошувачка, владата досега на неколкупати ги намалуваше средствата за одбраната, а изврши и скратување на бројот на ангажираните, што предизвика незадоволство во армиските редови и критики од САД и НАТО.