Британските опозициски партии денеска соопштија дека се договориле заедно да работат во обид да спречат излегување на Велика Британија од Европска Унија без договор, преку законодавна процедура или преку изгласување на недоверба на Владата во Парламентот.
Пратениците следната недела се враќаат од одмор и се подготвуваат за битка против премиерот Борис Џонсон, кој вети излегување на Велика Британија од ЕУ на 31 октомври со или без договор.
Лидерот на лабуристите Џереми Корбин беше домаќин на состанокот со шкотската Национална партија, Либералните демократи, Зелените и Независната група за промени, при што се разговараше за тактика за спречување на Брегзит без договор.
– Присутните се согласија дека е неопходно заедно да дејствуваме и да изнајдеме практични начини за спречување на Брегзит без договор, вклучително и носење на соодветни закони и гласање за недоверба, се наведува во заедничкото соопштение по состанокот.
Корбин пред состанокот истакна дека ќе направи се што е потребно за да спречи Велика Британија да ја напушти ЕУ без договор. Тој предупреди дека излез од ЕУ без договор ќе ја остави Британија „на милост и немилост на претседателот на САД Доналд Трамп и американските корпорации“.
– Борбата за спречување Брегзит без договор не е борба меѓу оние кои сакаат да ја напуштат ЕУ и оние кои сакаат Британија да остане членка, наведува Корбин.