Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг изјави дека Лондон може да испрати експерти за хемиско оружје во Сирија, но побара тие да бидат заштитени и обезбедувани од сили под знамето на ОН.
– Велика Британија би сакала да прати свои експерти во Сирија, за да помогнат во одземањето на резервите од хемиско оружје, но не би испраќала свои војници, за да ги заштитуваат, рече Хејг.
Според шефот на британскиот Форин Офис, британските војници во Сирија може да предизвикаат „силни чувства“ во таа земја, па затоа сугерира безбедносен аранжман кој би се засновал врз американско-рускиот договор за сириското хемиско оружје.
Од властите во Дамаск се бара до крајот на оваа недела да го достави списокот на локациите каде е складирано и каде се чува хемиското оружје.
Меѓународни експерти потоа би допатувале во Сирија, во средината на ноември, а комплетирањето на оружјето би требало да заврши до средината на идната година.