Шефовите на делегациите на Британија и ЕУ, британскиот министер Дејвид Дејвис и Мишел Барние, разговараат денеска во Брисел за резултатите од втората рунда од преговорите за Брегзит.
Тимовите од функционери и експерти од двете страни, во изминатите четири денови расправаа околу правата што треба да ги имаат државјаните на ЕУ во Британија и на Британците во земјите од Унијата, по британското напуштање на ЕУ, како и за границата на Ирска и раздолжувањето на Британија.
Брисел уште пред почетокот на преговорите соопшти дека нема да има разговори за идните европско-британски односи и за договор за слободна трговија, се додека не се расчистат работите околу ови три „примарни прашања“ и додека не се постигне забележителен напредок.
Договорено е двете страни да се среќаваат секој месец и во текот на летните одмори, во четири работни денови, за да се надминат сегашните разлики и за уредувањето заеднички терен за постигнување договор.
Процесот на Брегзит беше запрен поради неочекуваната одлука на британскиот премиер Тереза Меј за предвремени парламентарни избори, но оваа недела работите се интензивирани, откако стотина британски функционери од разни области се вклучија во работата на главните прашања во оваа фаза од преговорите поврзани со напуштањето на ЕУ.
Лондон и Брисел се уште имаат различни позиции околу идниот статус на три милиони Европејци во Британија и на 1,5 милиони Британци во земјите од ЕУ. Двете страни инсистираат на реципроцитет при правењето на конечниот договор, но се верува дека главна пречка ке биде статусот на Европскиот суд за човекови права.
ЕУ инсистира овој суд да биде присутен во Британија за да ги надгледува и заштитува правата на државјаните од Унијата, додека Британија од почетокот бара тој повеке да нема никаква улога на британската територија.
Во Лондон не се очекува брзо разрешување ниту на договорот за сметките и долговите на Британија кон ЕУ, за изминатите 44 години членство. Според британски правни експерти договорот околу „сметките за разводот“ не е еможен пред крајот на 2018 година.