Брисел ги поздрави земјите учеснички на состанокот за миграција во Малта

Од:

Министрите за внатрешни работи на четири земји членки на ЕУ се состануваат денеска во Малта во обид да изнајдат решение за спасување на мигранти и бегалци во Медитеранот. Европската Комисија ги поздрави нивните напори.

Франција, Германија, Италија и Малта денеска се обидуваат да воспостават механизам за автоматско распоредување на бегалците и барателите на азил кои пристигнуваат на европска територија преку Медитеранот.

Во последнава година повеќе пати се спасени стотици мигранти во море, често бродовите кои доаѓаат од спасувачки мисии не можат да добијат дозвола за закотвување затоа што не постои колективно решение во ЕУ за распоредување на спасените лица, а земји како Италија и Малта сметаат дека се преплавени и не можат сами да се справат со пристигнувањата.

Решението на кое работат четирите земји денеска во Малта ќе биде само привремено, во отсуство на договор на ниво на сите земји членки на Унијата.

Сепак, Европската Комисија ги поздравува напорите на министрите, поради тоа на состанокот учествува и европскиот комесар за миграција, Димитрис Аврамопулос.

-Европската Комисија одамна ги повикува земјите членки да се договорат за привремено решение и останува подготвена да ги поддржи овие аранжмани финансиски и оперативно, затоа и комесарот Аврамопулос присуствува на средбата, изјави портпаролката на ЕК, Мина Андреева.

Таа додаде дека Комисијата „со нетрпение чека“ да ја отвори оваа тема со останатите земји членки на ЕУ на следниот министерски совет за внатрешни работи на почетокот на октомври.

-Тоа ќе биде следниот чекор, изјави Андреева.

Откако во Рим дојде нова владина коалиција без екстремната десница на поранешниот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, расположението околу миграциските прашања е порелаксирано. Неодамна, италијанскиот премиер Џусепе Конте заедно со францускиот претседател, Емануел Макрон, повикаа на заедничко решение за распоредување на мигрантите и предложија да се санкционираат земјите кои одбиваат да бидат солидарни.

Петнаесет земји членки на ЕУ, вклучително и источноевропски, се подготвени да бидат дел од европско солидарно решение, но унгарскиот премиер, Виктор Орбан, и натаму одбива било каков прием на бегалци на неговата територија.

На денешниот состанок во Малта ќе се разговара за тоа кои мигранти можат да бидат примени и распоредени во земји на ЕУ, дали тоа ќе важи само за политички бегалци и баратели на азил или дали системот ќе може да се применува и на економските мигранти кои сѐ почесто пристигнуваат на европско тло.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Лос Анџелес станува „град засолниште“ за мигранти пред доаѓањето на Трамп

Катерина Ѓуровски

Лишен од слобода криумчар на мигранти

Шолц е скептичен кога станува збор за прифатните центри за мигранти надвор од ЕУ

Приведен радовишанец кој превезувал осум мигранти од Непал

A1on

Орбан се закани дека ќе ги однесе мигрантите во Брисел ќе ги остави пред канцелариите на ЕУ

Трамп: Веднаш ќе ја запрам инвазијата на мигрантите во Америка

A1on