Завршните податоци околу трошоците за расчистување, нови изградби и изнајмување на провизорни простории по терористичките атентати што во Осло и на островот Утоја во 2011 година ги изврши норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик, веројатно ќе го надминат износот од 15 милијарди норвешки круни (1,8 милијарда евра).
Само кириите за изнајмени простории се очекува да чинат вкупно 350 милиони круни годишно и тоа уште најмалку една година, според црвено-зелениот буџет во Осло кој беше поднесен на усвојување вчера, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Новите владини згради се очекува да чинат од 5 до 10 милијарди круни, а уривањето на постоечките оштетени згради 1,45 милијарда. Згора на тоа доаѓаат и стотици милиони круни за разни безбедносни мерки, особено кога станува збор за првото дислоцирање на норвешката Влада по извршениот атентат, во тврдината Акерсхус, пишува норвешкиот весник „Афтенпостен“.