Името на норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик се наоѓало на масата на норвешката тајна полиција повеќе месеци пред тој да ги изврши терористичките напади во Осло и на островот Утоја, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Имајќи го предвид тоа, Брејвик можел да биде запрен во планирањето и извршувањето на атентатот, смета шведскиот професор Вилхелм Агрел, експерт за разузнавачка анализа.
Според мислењето на Агрел, Брејвик бил „промашен“ затоа што разузнавачките активности се главно насочени кон исламисти.
Шведскиот професор во својата анлиза укажува на недостиг од широчина во следењето на активностите, при што во исто време предупредува дека и шведската тајна полиција би можела да направи иста грешка.
– Сите големи организации ги фаворизираат сопствените работни методи и притоа нештата кои се наоѓаат вон сликата за главната закана се сфаќаат како неинтересни и дополнително оптоварувачки за ресурсите кои се на располагање, вели професот Агрел за шведскиот весник „Дагенс нихетер“.