Масовниот убиец Андерс Брејвик денеска се појави пред суд во предмет во кој тој ја тужи Норвешка за нечовечко однесување.
Овој случај во норвешката јавност го покрена прашањето како да се постапува со човек кој во 2011 година уби 77 лица, пренесуваат британските медиуми.
На пристигнувањето во судот Брејвик салутираше со нацистичкиот поздрав, кревајќи ја десната рака.
Десничарскиот екстремист првпат се појавува на јавно место по завршувањето на процесот против него, во 2012 година. Оттогаш тој во затворот имал само еден посетител – неговата мајка, на која и било дозволено да го прегрне непосредно пред таа да почине од рак во 2013 година.
Брејвик (37) смета дека неговата изолација во затворот ја прекршува забраната за „нечовечко и понижувачко однесување“ од Европската конвенција за правата на човекот.
– Тој сака контакти со други луѓе, изјави неговиот адвокат Остајн Сторвик.
Предметот ќе се разгледува од денеска до петок во преуредената гимнастичка сала во затворот во Шиен, јужно од Осло, каде Брејвик ја издржува својата казна.
Генералното обвинитество во Осло соопшти дека нема основаност за почнување судски предмет бидејќи „нема докази дека тужителот покажува умствени или физички проблеми како резултат на условите во затворот“.
Одлуката на судот ќе биде објавена во следните недели.
На 22 јули 2011 година Брејвик со бомба фрлана во Осло уби осум лица, а потоа на блискиот остров застрела 69 лица, од кои повеќето беа тинејџери. Тој ја издржува максималната казна во Норвешка од 21 години затвор, која може да му се продолжи.
Во затворот неговата ќелија има три простории со телевизор и компјутер, но без пристап до Интернет. Тој секојдневно се среќава единствено со чуварите и медицинскиот персонал. Дури и неговиот адвокат со него треба да разговара преку стаклена преграда.