На 29 март годинава Велика Британија ја напушти Европската Унија…
Ова требаше да биде почетокот на ретроспективата за Брегзит во 2019 година, но британските парламентарци покажаа дека се едни од најпринципиелните и најнепопустливите во своите ставови, а седниците на британскиот Парламент на кои се расправаше за Договорот за Брегзит станаа најинтересните телевизиски содржини за гледање.
По три и пол години од референдумот на 23 јуни 2016 година на кој Британците избраа да излезат од Европската Унија, по сè изгледа дека Велика Британија на 31 јануари 2020 година ќе стане поранешна членка на ЕУ.
– Ќе завршиме со Брегзит навреме, до 31 јануари. Нема ако, нема ама, нема можеби, изјави британскиот премиер Борис Џонсон откако неговата конзервативна партија на вонредните парламентарни избори на 12 декември оствари најдобар изборен резултат од времето на Маргарет Тачер.
Излезот на Велика Британија од ЕУ, по 47 години членство, ќе биде најзначајниот геополитички потег на Велика Британија од Втората светска војна.
Што претходеше
На 23 јуни 2016 година мнозинството Британци на референдум одлучија земјата да излезе од Европската Унија.
На 29 март 2017 година, во писмо до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, британската премиерка Тереза Меј официјално го активираше членот 50 од Договорот за Европската Унија и го почна двегодишното одбројување за излез на Велика Британија од ЕУ – познат како Брегзит.
Долго време се очекуваше Велика Британија да ја напушти Европската Унија во 23 часот на 29 март 2019 година. Сепак, по гласањето на Претставничкиот дом на 14 март 2019 година, Владата побара одложување на Брегзит.
На 20 март Меј повторно му пиша на Туск и побара одложување на Брегзит до 30 јуни.
По состанокот на Европскиот совет следниот ден на 21 март, 27-те лидери од ЕУ се согласија да одобрат одложување, кое опфаќаше два можни датуми: 22 мај 2019 година, доколку Договорот за повлекување биде одобрен од пратениците; или 12 април 2019 година, доколку Договорот за Брегзит не биде одобрен од Долниот дом.
На 2 април Меј најави дека ќе бара понатамошно продолжување на процесот согласно членот 50 и понуди да се сретне со лидерот на опозицијата за да се договорат за Договор за Брегзит, кој може да се добие поддршка од пратениците.
Европскиот совет на 10 април одржа состанок на кој Велика Британија и ЕУ се согласија Брегзит да биде одложен до 31 октомври 2019 година.
На 19 октомври британскиот Парламент го одложи изјаснувањето за новиот Договор за Брегзит, што го постигна премиерот Борис Џонсон со ЕУ. Британските пратеници со 322 гласа „за“ и 306 „против“ го изгласа амандманот на пратеникот Оливер Летвин, со кој се пролонгираше гласањето за договорот за Брегзит на Џонсон. Со амандманот на Летвин беше обезбедено Џонсон да не може да спроведе Брегзит без договор на 31 октомври.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск утредента потврди дека претходната ноќ добил писмо од британскиот премиер Борис Џонсон во кое се бара одложување на Брегзит. Џонсон официјално побара од ЕУ да се пролонгира Брегзит, но во исто време испрати и писмо во кое истакна дека тој лично е против одложувањето на излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
На 28 октомври Европската Унија се согласи да го пролонгира Брегзит до јануари 2020 година. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск информира дека Унијата се согласила да дозволи „флексибилно одложување“, што значи дека Велика Британија би можела да ја напушти ЕУ и пред одредениот рок, доколку претходно во Парламентот биде одобрен договорот што премиерот Борис Џонсон го постигна со Брисел.
Еден ден потоа, на 29 октомври Долниот дом на британскиот Парламент го изгласаа предлогот на премиерот Борис Џонсон за предвремени избори на 12 декември.
На 20 декември Парламентот го одобри Законот за Брегзит на премиерот Борис Џонсон што е чекор кон излез на Велика Британија од Европската Унија до 31 јануари. Вкупно 358 пратеници го одобрија Законот, кој е потребен за ратификување на Договорот со Брисел за Брегзит. Следната фаза ќе биде завршена во јануари во Парламентот. Претседателот на Долниот дом Џејкоб Рис-Мог изјави дека британската Влада планира до 9 јануари да го ратификува договорот за Брегзит во Долниот дом.
Што следува?
Под претпоставка дека Европскиот парламент исто така ќе даде зелено светло, Велика Британија официјално ќе ја напушти ЕУ на 31 јануари со Договор за повлекување – и потоа ќе премине во период на транзиција што е предвиден да заврши на 31 декември 2020 година.
Во овој период Велика Британија ефективно ќе остане во Царинската унија и единствениот пазар на ЕУ – но ќе биде надвор од политичките институции и нема да има британски членови на Европскиот парламент.
Првиот приоритет ќе биде да се издејствува трговски договор со ЕУ. Велика Британија сака колку што е можно поголем пристап за своите стоки и услуги во ЕУ.
Но, Владата јасно стави до знаење дека Велика Британија мора да ја напушти Царинската унија и единствениот пазар и да стави крај на надлежноста на Европскиот суд на правдата.
Времето е кратко. На ЕУ можат да ѝ бидат потребни недели за да утврди формален мандат за преговори – сите преостанати 27 земји членки и Европскиот парламент треба да бидат во договорот. Тоа значи дека официјалните разговори можат да започнат само во март.
Законот за повлекување на Џонсон исклучува каква било форма на продолжување на периодот на транзиција.
Ако до крајот на следната година не се усогласи и ратификува договор за трговија, тогаш Велика Британија се соочува со царини за извоз во ЕУ.
Џонсон тврди дека со оглед на тоа што Велика Британија е целосно усогласена со правилата на ЕУ, преговорите треба да бидат директни. Но, критичарите посочија дека Велика Британија сака да има слобода да се оддалечи од правилата на ЕУ за да може да склучува зделки со други земји – и тоа ќе ги отежне преговорите.
Но не е само трговскиот договор што треба да се реши. Велика Британија мора да се согласи како ќе соработува со ЕУ во врска со безбедноста и спроведување на законите. Велика Британија е решена да ја напушти шемата за Европски налози за апсење и ќе мора да договори замена. Исто така, мора да склучи договори зделки во голем број други области каде што е потребна соработка.
МИА