Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва во вторникот го осуди руското кршење на територијалниот интегритет на Украина и ги обнови повиците за посредување за прекин на војната.
Говорејќи на ручекот со романскиот претседател Клаус Јоханис, Лула рече дека група неутрални држави мора да се соберат за да помогнат во воспоставувањето мир меѓу Русија и Украина. Неговите коментари дојдоа откако тој предизвика вознемиреност меѓу западните сојузници со изјавата во текот на викендот, дека ја продолжуваат војната со снабдување со оружје на Украина.
Портпаролот на Белата куќа го обвини Лула дека „папагализира руска и кинеска пропаганда без да ги гледа фактите“. A во вторникот, Белата куќа рече дека „тонот на Лула не бил неутрален“.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во понеделникот го посети Лула во Бразилија и му се заблагодари за неговите мировни напори, велејќи дека Бразил и Русија споделуваат ставови за едногодишниот конфликт во Украина.
Лула се претстави како мировен посредник за ставање крај на војната што започна кога Русија ја нападна соседната земја во февруари 2022 година. Неговиот предлог, заснован на традицијата на Бразил за неинтервенција и неутралност, повикува група држави кои не се вклучени во војната да убедат Русија и Украина ќе преговараат.
Украина го критикуваше предлогот на Лула дека на ист начин ги третира „жртвата и агресорот“, а во вторникот го покани бразилскиот претседател во земјата разурната од војна за да се увери во последиците од руската инвазија.
Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Олег Николенко изјави дека Украина со интерес ги следи напорите на Лула да најде решение за војната. Но, тој го отфрли мислењето изразено од Лула за време на викендот дека земјите што го вооружуваат Киев ја продолжуваат војната.
Од западните земји, досега само францускиот претседател Емануел Макрон ја поздрави мировната иницијатива на Лула.
Лула рече дека Русија треба да ја врати територијата што ја нападна минатата година, но посочи дека Украина може да го жртвува Крим, кој беше окупиран од руските сили во 2014 година, предлог што украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли.
Зеленски ги повика светските лидери да го усвојат неговиот мировен план од 10 точки, кој, покрај повикот за повлекување на руските сили и прекин на непријателствата, предлага и враќање на првичните граници на Украина со Русија.