Братот на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, е забележан меѓу посетителите на концертот на британскиот музичар Ерик Клептон, одржан во Ројал Алберт Хол, пишуваат лондонските весници, повикувајќи се на јапонски и јужнокорејски медиумски извори.
Една јапонска телевизиска екипа, успела да го „улови“ Ким Јонг-чул, постар брат на лидерот, во моментот додека влегувал во концертната сала, како и деталот кога бил заштитен од бројни телохранители, кога насобраните новинари се обиделе да добијат изјава од него.
Истиот човек бил и на вториот концерт на Клептон, но нема никаква официјална потврда дека станува збор за Ким-чул.
Британскиот аналитичар за Северна Кореја, Ајдан Фостер Картер изјави дека се согласува со тврдењето дека „посетителот“ е братот на севернокорејскиот лидер, затоа што човекот „уловен“ од јапонската тв екипа сосема личи на оној, чија фотографија ја има видено и на која се гледа братот на Ким Јонг-ун.
– Доколку не е тој, тогаш зашто беа потребни сите оние бројни телохранители околу него, вели Фостер Картер.
Тој посочи дека Ким Јонг-чул нема никаква државничка функција, ниту е дел од тамошната власт, па за него не важат меѓународните санкции за патување во странство, како за високите севернокорејски функционери.
Потврда за престојот на братот во Лондон, дава и секогаш добро информираната јужнокорејска новинска агенција Јонхап. Агенцијата тврди дека тој престојувал во лондонскиот хотел „Челси Харбор“ каде една ноќ чини 3.300 долари, како и дека имал авионска карта за денешниот лет Лондон- осква.
Според официјалните севернокорејски податоци, Ким Јонг-чул има 33 години и е најстарото дете од четвртата сопруга на поранешниот лидер Ким Јонг-ил. Образуван е во Швајцарија, како и неговиот помлад брат, актуелниот лидер на Северна Кореја, но нивниот татко го одредил за наследник, својот помлад син, како поенергичен човек.
Истиот извор тврди дека Ким Јонг-чул е „сосема задоволен“ од својата позиција, дека е близок со братот и дека работи во одделението за пропаганда на Северна Кореја.