Доказите сугерираат дека во Сирија е употребен некаков вид на хемиска супстанца, која можеби убила илјада луѓе, но било каква воена интервенција мора претходно да биде одобрена од Советот за безбедност на ОН, изјави денеска специјалниот пратеник за Сирија Лахдар Брахими на прес-конференција во Женева.
Изјавата Брахими ја даде во момент додека инспекторскиот тим на ОН го истражува наводниот напад со хемиско оружје во близина на Дамаск на 21 август, а западните земји размислуваат за воена акција против сирискиот режим.
– Веројатно на 21 август била употребен некој вид на супстанца од која загинале голем број луѓе. Тоа секако е неприфатливо и шокантно. Тоа потврдува колку е опасна ситуацијата во Сирија и колку е важно за сирискиот народ и меѓународната заедница навистина да покажат политичка волја за изнаоѓање решение, истакна Брахими.
Тој нагласи дека било каква воена интервенција предводена од САД претходно мора да добие одобрение од 15-члениот Совет за безбедност на ОН, чии пет постојани членки – Британија, Кина, Франција, Русија и САД, имаат право на вето.
Брахими за граѓанската војна во Сирија смета дека претставува најтешка криза со која се соочила меѓународната заедница.