Американски судија денеска го одобри договорот според кој нафтниот гигант “Бритиш Петролеум” (БП) се согласува да се изјасни виновен за убиство без предумисла и другите обвиненија и да исплати четири милијарди долари поради несреќата на нафтената платформа во Мексиканскиот залив во 2010 година.
Повеќе од 200 милиони галони нафта се излеаја во морето за три месеци по експлозијата на нафтената бушотина на дното на Заливот, а загинаа 11 работници. Тоа беше една од најголемите еколошки катастрофи во историјата на САД.
Британската компанија во ноември минатата година, во договор со американското Министерство за правда се согласи да ја прифати вината за смртта на работниците и за тоа што го лажела американскиот Конгрес за големината на катастрофата.
Компанијата би можело да плати уште неколку милијарди долари казна за штетното влијание на животната средина, што денешниот договор не го опфаќа. Во серијата на владини истраги беше утврдено дека БП и неговите партнери на бушотината се одговорни за несреќата, бидејќи работеле така за да заштедат време и пари на сметка на безбедноста.
Во посебен процес, БП се договори со жителите и со другите кои се погодени од оваа катастрофа. Според проценката на нафтениот гигант, договорот ќе ја чини компанијата околу 7,8 милијарди долари.