Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон изрази задоволство од она што е постигнато на министерскиот состанок на групата Г7, иако не беше постигната согласност за неговото барање за воведување санкции за Русија, поради новата ескалација на ситуацијата во Сирија.
Во интервју за британската телевизија Скај, Џонсон инсистира дека состанокот во италијанскиот град Лука бил „успешен“ затоа што била постигната „значителна согласност“ околу санкциите. Неприфаќањето на санкциите, од другите членки на Г7, сега го објаснува со потребата да се обезбеди легитимит за нив, откако ќе се спроведе специјална истрага на ОН, за нападот со „хемиско оружје“.
Според шефот на Форин Офисот, деновите на претседателот Башар ал Асад и на неговото семејство, сепак, веќе се изборени, а дека истрагата на ОН може малку да придонесе за намалувањето на целите на санкциите.
Џонсон уверува дека членките на Г7 се согласни оти Асад „мора да си оди“, и дека Русија може да има своја улога во борбата против џихадистите на Исламска држава (ИД) и во изградбата на Сирија, доколку сака да одбегне нови санкции, овојпат и за воените функционери вклучени во сирискиот конфликт.
Британскиот министер допатува на состанокот на Г7 во Италија, во „насилничко расположение“, порачувајќи дека американското бомбардирање на сирискиот аеродром кај Хомс значи „промена на играта за Путин“, кој сега ќе мора да се соочи со изборот меѓу Асад и враќањето во врвот на светската политика.
Лондонските медиуми ја оквалификуваа таквата позиција на Џонсон како „ултиматум“ за Москва и за претседателот Путин, но во Лука, Британецот останал осамен со таквиот тврд став, откако министрите на Германија, Италија и Франција се спротивставиле, па во завршниот текст од состанокот, нема ништо за казнувањето на Русија.
Британските весници уште го нарекуваат Џонсон „малечка пудлица“ затоа што се повлече пред барањето на САД да ја откаже претходно закажаната посета на Москва, за да не се намали значењето на посетата на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон и потребата тој, а не Британецот, да и ги пренесе на Москва ставовите на групата Г7.
Телевизија Скај во својата анализа, проценува дека Џонсон изгледа „погрешно се пресметал“ затоа што официјален Лондон прифаќа дека се потребни дополнителни докази за да се изречат санкции, а впечаток е дека Даунинг стрит 10 се држи по страна од воинствените изјави и заканите на шефот на дипломатијата.
„Залетувањето“ околу санкционирањето на Москва, според Скај, сега ќе и помогне на руската страна да ги експлоатира видливите разлики на Западот за Сирија, но и да го урниса британското меѓународно влијание, на кое Лондон толку многу инсистира по Брегзит.