Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, се огласи за последните инциденти што се случиле во сепаратистичкиот регион во Молдавија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Транснистрија е регион во Молдавија со посебен статус, но речиси под целосна контрола на Москва, каде се стационирани руски трупи.
Последните денови властите во Молдавија пријавија повеќе експлозии во регионот.
Шефот на ЕУ дипломатијата предупреди дека овие инциденти се штетни за стабилноста и безбедноста на Молдавија и ги повика „сите одговорни чинители да избегнуваат дестабилизација“.
Борел ја пофали „воздржаноста“ на молдавските власти.
– ЕУ е солидарна со Молдавија и ја повторува својата непоколеблива поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Молдавија во нејзините меѓународно признати граници и со специјален статус за регионот Транснистрија, изјави Борел.
Западните сили изразуваат загриженост дека Русија може да ги прошири своите воени дејствија во други држави каде контролира сепаратистички региони, како Молдавија и Грузија.
Извор: МИА