Припадници на исламистичката милитантна група Ал Шабаб ја нападна главната воена база на силите на Африканската Унија (АУ) во Сомалија.
Базата се наоѓа во непосредна близина на аеродромот во сомалискиот главен град Могадишу.
Претставник на АУ соопшти дека околу базата се уште се водат борби, објаснувајќи дека од реонот се слушаат експлозии и истрели.
На својата интернет страница Ал Шабаб тврди дека неговте милитанти напредуваат и дека се навлезени во базата на АУ, но засега нема официјална потврда за ваквото тврдење.
Африканската унија, заедница на сите земји од Африка, има повеќе од 20 илјади свои војници во Сомалија, во обид да и се помогне на слабата влада во Могадишу,да го одбие нападот на Ал Шабаб.
Оваа исламистичка група подолго време војува во оваа земја на Рогот од Африка во обид целосно да ја преземе контролата врз неа и да ја претвори во исламистичка држава, уредена според шеријатското право.
АУ интервенираше,откако постоеше реална можност исламистите да ја освојат целата земја. По интервенцијата на АУ и засилените позиции на сомалиската влада, исламистите беа потиснати од поголемите градски центри, но Ал Шабаб и натаму под своја контрола држи значителни делови од земјата, главно во руралните реони.
Припадници на Ал Шабаб имаат изведено терористички напади и надвор од Сомалија, пред се во Кенија, чии војници се дел од воените сили на АУ.