Италијанската министерка за надворешни работи Ема Бонино соопшти дека во Сицилија ќе бидат разместени 200 американски маринци од Шпанија, за да реагираат на евентуални проблеми со безбедноста на дипломатскиот персонал на САД во Либија, пренесоа француските медиуми.
-Двеста маринци ќе бидат префрлени во базата Сигонела согласно билатералните договори, соопшти Бонино во италијанскиот парламент.
Воената база Сигонела во источна Сицилија е воено-воздушна база, што се користи од американските воено-воздушни сили и италијанската борбена авијација.
-Во прво време ќе се префрлат 75 морски пешадинци, а потоа уште 125 и два авиона. Овие војници ќе се грижат за безбедноста на американскиот дипломатски персонал во Либија и евентуални евакуации, посочи Бонино.
Во понеделникот САД соопштија дека предислоцирале воени единици за во случај на закани против нивниот дипломатски персонал во Либија, неколку месеци по нападот врз конзулатот во Бенгази.
Во нападот врз конзулатот на САД во Бенгази, во септемрви минатата година, беа убиени четворица Американци, вклучувајќи го и амбасадорот.