Боливиската Влада формира Комисија на вистината, која ќе се занимава со кршење на човековите права за време на диктатурите од 1964 до 1982 година, соопшти Министерството за одбрана.
Претседателот Ево Моралес назначи петмина членови на Комисијата, со која ќе раководи поранешниот синдикален лидер Едгар Рамирес.
– Кога зборувам за диктатура и државни удари, тогаш мислам на САД и секоја програма што се потчинува на геополитичката логика за доминација, со цел да се ограбуваат природните ресурси, истакна Моралес.
Новиот орган ќе има задача да ги истражува убиствата, малтретирањата, исчезнувањата, сексуалните злоставувања и случаите на произволни апсења, кои се извршени за време на неколку воени режими во Боливија во периодот од 1964 до 1982 година. Во тој период во земјата имало најмалку 1.392 политички убиства, 486 случаи на исчезнување и 2.868 случаи на прогони и политички мотивирани апсења.