Блогер во Бангладеш, познат по своите атеистички ставови и критики на верскиот фанатизам, брутално е убиен од група луѓе, откако бил искасапен со мачети.
Убиството се случило во неговиот стан во главниот град, Дака.
Полицијата соопшти дека трага по сторителите на злосторството, но врз основа на изјави на сведоци, шестмина мажи дошле до станот на блогерот, тврдејќи дека бараат стан за изнајмување. Двајца од нив веднаш го нападнале, нанесувајќи му дестици убоди со мачетите по телото.
Убиениот блогер Нилој Нил е четвртата жртва на насилството зад кое, најверојатно, се кријат „религиозно заслепени, милитантни исламисти„ кои ги ликвидираат блогерите-секуларисти.
За најновата жртва се вели дека Нил бил „гласот против екстремизмот„ во Бангладеш и против верскиот и општествениот фундаментализам.
Во своите блогови, Нил пишувал за правата на млцинските групи во земјата и за правата на жените, што не им се допаднало на милитантните исламисти.
Нилој Нил не бил припадник на муслиманската заедница во земјата, туку на Хинду заедницата.
Бангладеш официјално е секуларна држава, но критичарите на власта ја обвинуваат владата во Дака дека се однесува „незаинтересирано„ за нападите врз блогерите во изминатите шест месеци.
Во периодот меѓу февруари и почетокот на август, четворица критичари на милитантниот ислам се брутално убиени и никој досега не е повикан на одговорност.
Полицијата има уапсено само две лица за сите четири убиства, но против нив не е подигнато никакво обвинување.