Блинкен во ненајавена посета на Киев, воена помош од две милијарди долари за повеќе НАТО членки

Од:

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигна во ненајавена посета на Киев во време кога американската администрација најави нова воена помош вредна над две милијарди долари за Украина и другите европски земји загрозени од Русија.

На состаноците со високи украински претставници, Блинкен рече дека администрацијата на претседателот Џо Бајден го информирала Конгресот за својата намера да обезбеди две милијарди долари долгорочно воено финансирање за Украина и 18 нејзини соседи, вклучително и членките на НАТО и регионалните безбедносни партнери кои се „потенцијално најмногу во ризик од идна руска агресија“.

Се очекува предлогот да биде одобрен од американскиот Конгрес, а според него, една милијарда долари од вкупната сума ќе оди во Украина, а остатокот ќе биде поделен меѓу Албанија, Босна, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Грузија, Грција, Косово, Летонија, Литванија, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Полска, Романија, Словачка и Словенија, објави Стејт департментот.

Помошта ќе биде дадена за да им се помогне на тие земји „да одвратат и да се одбранат од новите закани за нивниот суверенитет и територијален интегритет“ преку зајакнување на нивната воена интеграција со НАТО за да се спротивстават на „руското влијание и агресија“, додаде Стејт департментот.

„Оваа помош уште еднаш ја покажува нашата непоколеблива посветеност на иднината на Украина како демократска, суверена и независна земја, како и на безбедноста на сојузниците и партнерите во целиот регион“, се вели во соопштението.

Странското воено финансирање (ФМФ) им овозможува на оние кои го добиваат да набават воена опрема произведена во САД, во зависност од специфичните потреби.

Одделно од оваа помош, САД објавија дека е одобрена нова транша помош во вредност од 675 милиони долари за Украина за тешко оружје, муниција и оклопни возила. Ова го соопшти американскиот министер Лојд Остин претходно денеска на конференција со сојузниците во американската база Рамштајн во Германија.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) 98-годишната Украинка Лидија го фасцинираше светот: Ја преживеав Втората светска воја, ова е полошо

Русија распиша потерница по Зеленски

Катерина Ѓуровски

Москва: Вежбите се доказ дека НАТО се подготвува за можна војна со Русија

ВИДЕО: Русите го нападнаа Харков, четоврица повредени

Катерина Ѓуровски

Макрон: Ако руската армија ја пробие линијата на фронтот и Киев не повика, Франција ќе размисли за испраќање војници

Предраг Петровиќ

Русите објавија дека ослободиле уште едно село

Предраг Петровиќ