Блинкен: Франција е витален партнер во Индо-пацифичкиот регион

Од:

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, денеска изјави дека Франција е „витален партнер на САД во Индо-пацифичкиот регион“.

Меѓутоа, се чини, дека коментарот е направен со цел да се ублажи огорченоста на официјален Париз откако САД, Австралија и Велика Британија одлучија да испорачаат нови нуклеарни подморници во Австралија.

Трите земји објавија дека ќе воспостават воено-безбедносно партнерство во Индо-пацифичкиот регион и дека во таа смисла ќе и помогнат на Австралија да набави американски подморници со нуклеарен погон, поради што Австралија ја откажа нарачката од Франција од 40 милијарди долари за нуклеарните подморници, пренесоа британските медиуми.

Франција вчера остро реагираше на веста за откажување на нарачката во Австралија, а министерот за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, оцени дека со ваквата одлука Австралија „ и забоде нож во грб на Франција“.

Говорејќи на прес-конференција по средбите меѓу министрите за надворешни работи и одбрана на САД и Австралија во Вашингтон, Блинкен кажа дека Вашингтон сака да ја искористи секоја прилика за продлабочување на трансатлантската соработка во Индо-пацифичкиот регион и нагласи дека Франција е „значаен партнер“.

-Работиме неверојатно тесно со Франција за многу заеднички прашања во Индо-пацифичкиот регион, но и низ целиот свет, и ќе продолжиме да го правиме тоа. Ова партнерство е основно за нас, рече Блинкен, додавајќи дека американските официјални претставници во изминатите 48 часа биле во контакт со нивните француски колеги за да разговараат за ова прашање.

Меѓутоа, анонимен француски дипломат за британските медиуми потврди дека Американците не контактирале со Франција и дека француската дипломатија немала никакви информации се додека политичкиот врв не бил запознат со медиумските извештаи за договорот, по што тие им се обратиле на колегите од САД да им објасни за што станува збор.

Во 2016 година, Австралија одлучи да склучи договор за изградба на нова подморничка флота во вредност од 40 милијарди долари со француската корпорација „Naval Group“, која беше поништена со нов договор.

Би можело да ве интересира

Блинкен: САД не сакаат операциите на Израел во Либан да станат долготрајна кампања

Блинкен: Темелно го проучуваме украинскиот план за победа и размислуваме за дополнителни активности

Блинкен: Треба да притискаме посилно врз Северна Кореја, Кина и Иран

Пристигна одговорот од Америка на најновата нуклеарна закана на Путин

Блинкен: Израел и Хамас да се изјаснат за отворените прашања за договор

Горан Наумовски

Блинкен ја заврши посетата на Блискиот Исток, без напредок во мировните преговори во Газа