Поранешниот британски премиер Тони Блер изјави денеска дека му е жал и оти се кае поради војната во Ирак, но истовремено ја одбрани својата одлука Велика Британија да ја вклучи во инвазијата во оваа земја во 2003 година, која ја предводеа САД, нагласувајќи дека денешниот тероризам не е покренат поради тоа.
Блер со ова одговори на жестоките критики на негова сметка, кои се појавија по извештајот за таа војна, кој е подготвуван седум години, а беше објавен денеска.
– Разузнавачките проценки извршени во тоа време за тоа дали треба да влеземе во војна е покажаа како погрешни. Она што следеше се покажа како нешто што е многу повеќе непријателски настроено, што временски многу се оддолжи и беше покрваво, отколку што можевме да замислиме, рече Блер.
Тој нагласи дека поради сето тоа изразува „повеќе тага, каење и извинување, отколку што можете да замислите“.
Блер изјави дека ја прифаќа целосната одговорност за одлуката за заминување во војна, но го отфрли аргументот дека денешниот тероризам е покренат од инвазијата во Ирак.
Тој исто така наведе дека „светот е подобро место без ирачкиот диктатор Садам Хусеин, кој е симнат од власт со таа инвазија“.