Албанските власти потврдија дека повеќето од нивните државјани кои оваа година биле насилно вратени дома од Обединетото Кралство биле осудени за кривично дело. Би-Би-Си разговараше со Албанците вратени во нивната земја и дозна дека на некои затвореници им биле понудени 1.500 фунти за да се вратат дома.
Откако Албанија во декември минатата година потпиша договор за заедничка соработка со Велика Британија за „намалување на илегалната миграција“, бројот на депортации се зголеми. Министерството за внатрешни работи на владата на Британија вели дека оттогаш се вратени повеќе од 1.000 луѓе, при што околу половина од нив тоа го прават доброволно.
Би-Би-Си разговараше со десетици луѓе кои пристигнаа во Албанија со летови за депортација минатиот месец и откри дека повеќето доаѓаат од британските затвори. На некои од нив им беа понудени пари во замена да се согласат на депортација и беа ослободени од затвор пред да ја отслужат минималната казна, според постоечката програма што се користи за странски престапници.
Албанската полиција потврди дека повеќето од насилно вратените годинава биле осудени за злосторства во Велика Британија. Еден депортиран албански државјанин, кој сакаше да остане анонимен, изјави за Би-Би-Си дека одлежал шест години, но бил депортиран назад во Албанија откако одлежал само две години затвор.
„Бевме посетени од офицер за имиграција. Тој не праша дали сакаме да се вратиме во Албанија или да останеме во Британија. Тој објасни дека ако се вратиме ќе ни ја намали казната. Ми понудија и 1.500 фунти финансиска поддршка за да се вратам дома, според шемата за олеснето враќање (ФРС)“, рече тој.
Британските власти велат дека програмата ФРС е „финансиски поттик“ што им се нуди на странските затвореници „под услов да соработуваат со депортацијата и да се откажат од правото на жалба“.
Но, некои од албанските државјани кои беа на летови за депортација минатиот месец рекоа дека планираат да се вратат во Британија за неколку недели или дури денови.