Украина и Русија денеска ќе одржат директни разговори во Абу Даби и ќе се обидат да најдат решение за ставање крај на војната што трае речиси четири години, пишува германската новинска агенција ДПА.
Кремљ и украинскиот претседател Володимир Зеленски го потврдија датумот, но не прецизираа други детали. Директните преговори меѓу Москва и Киев беа обновени пред една недела по долга пауза. Тие се одржаа зад затворени врати, а САД посредуваа преку нивниот главен преговарач, Стив Виткоф. Овој пат завојуваните страни преговараат без американски претставници.
Иако преговарачките тимови постојано ги опишуваат разговорите како конструктивни, сè уште не е на повидок договор за мир, а територијалните прашања остануваат клучен камен на сопнување.
Русија бара Киев да се повлече од делови од регионот Донбас во источна Украина, област првенствено фокусирана на Донецк и Луганск кои остануваат под украинска контрола. Зеленски постојано ја отфрла можноста за територијални отстапки.
Украинската делегација ќе ја предводи главниот преговарач Рустем Умеров, а рускиот тим ќе го предводи Игор Костјуков, шеф на воената разузнавачка служба ГРУ.
На барање на американскиот претседател Доналд Трамп, Русија се согласи привремено да ги запре нападите врз енергетската инфраструктура поради екстремниот студ и веќе обемните постоечки штети во Киев и другите градови. Но, нападите врз други цели продолжија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот изјави дека ограниченото примирје ќе трае само до денеска за да се обезбеди „добра основа“ за мировни преговори. Зеленски рече дека нема формален договор за привремено прекин на огнот, но вети дека Украина нема да нападне руски енергетски цели доколку Русија го одржи своето ветување.
Украина се брани од руската инвазија со поддршка на Западот речиси четири години.