Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони денеска најави дека ќе поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур поради судската пресуда, со која е осуден на четири години затвор поради затајување на данок.
Седумдесет и шест годишниот Берлускони за ваквата одлука преку писмо го информира одборот на италијанскиот Сенат, кој следната недела треба да расправа за неговото евентуално исфрлање од Парламентот, бидејќи тој правосилно е осуден на четири години затворска казна.
Претседателот на одборот, сенаторот Дарио Стефано изјави дека Берлускони најавил жалба поради кршење на членот 7 од Европската конвенција за човекови права, во кој се наведува дека никој не може да биде прогласен за виновен за дела кои во периодот на извршување не биле дефинирани како злосторства, како и дека не може да биде осуден на потешка казна од онаа што е пропишана во време на извршувањето на криминалот.
Против Берлускони се водат уште две судски постапки, од кои едната е поради сексуални односи со малолетна проститутка, а другата поради злоупотреба на службената положба додека бил на премиерска функција.
Поранешниот италијански премиер, кој во октомври треба да почне со отслужување на казната, веројатно поради возраста нема да биде во затвор, туку во домашен притвор или казната ќе му биде изменета во извршување општествено корисна работа.