Германското Министерство за надворешни работи апелираше до Северна Кореја и САД да покажат воздржаност.
Апелот уследи по ескалацијата на реториката меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Пјонгјанг, кои разменија взаемни закани со воени акции.
– Со најголема вознемиреност ја следиме ескалацијата на реториката поврзана со Корејскиот Полуостров. Ситуацијата е навистина сериозна, истакна портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Мартин Шефер, додавајќи оти заканата со оружје не е решение.
Во меѓувреме, премиерот на Австралија, Малком Тарнбул истакна дека евентуалниот конфликт меѓу САД и Северна Кореја би имал катастрофални последици.
– Единствен начин за справување со Северна Кореја е максимален економски притисок, истакна Тарнбул.