Новинарите во Белорусија се соочени со „катастрофална ситуација“, изјави денеска во Вилнус генералниот секретар на организацијата Репортери без граници (РСФ), Кристоф Делоар.
Тој по средбата со литвански обвинители истакна дека пристигнал во Вилнус „во знак на поддршка за белоруските новинари“.
Литванското обвинителство отвори истрага откако белоруските власти го пренасочија авионот на „Рајанер“, кој леташе на релација Атина – Вилнус, на аеродромот во Минск, по што беше уапсен опозиционерот Роман Проташевич.
Поради тоа, Европската унија го затвори својот воздушен простор и аеродромите за белоруските авиони, препорачувајќи им на европските авиокомпании да го избегнуваат воздушниот простор на Белорусија.
Делоар поднесе кривична пријава во Литванија против белорускиот претседател Александар Лукашенко во име на РСФ, организација која ја брани слободата на медиумите низ целиот свет.
– Важно е да се разгледа како во иднина да се обезбеди конкретна поддршка за белоруските новинари, кои денес се наоѓаат во катастрофална ситуација, рече тој.
И Полска, каде што е регистриран авионот на компанијата „Рајанер“, според полските медиуми, отвори истрага за инцидентот.
– Во овој случај, ако сакаме да постигнеме резултати, ќе издејствуваме ослободување на новинарот кој сега е во притвор, ја запираме репресијата врз новинарите и генерално врз граѓанското општество во Белорусија, очевидно е потребен политички притисок, потребни се економски санкции против државите, а потоа и судска постапка, нагласи Делоар.
Тој порача дека е „неопходно оние кои придонесоа за ова, еден ден да бидат осудени, да одговараат пред законот, вклучувајќи го белорускиот претседател Лукашенко“.
На списокот на Репортери без граници за слобода на медиумите, Белорусија се наоѓа на 158. место од 180 земји, Русија е на 150. и Литванија на 28. место.