Одлуката на шпанскиот Уставен суд за забрана за одржување на седницата на каталонскиот регионален Парламент планирана за понеделник на која беше најавено прогласување на независност на Каталонија, е штетна за слободата на изразување, оцени вечерва претседателката на ова претставничко тело, Карме Форкадељ.
– Одлуката на Уставниот суд за спречување на одржувањето на седницата в понедлник, дури и пред нејзиното формално свикување, им штети на слободата на изразување и на правото на иницијатива на овој Парламент. Со ова уште еднаш се покажа дека судовите се користат за решавање на политичките проблеми, изјави претседателката на каталонскиот Парламент
Форкадељ додаде дека раководството на Парламентот засега не донело одлука дали в понеделник сепак ќе се одржи планираната седница.
Шпанскиот Уставен суд денеска решавајќи по жалбата на Социјалистичката партија на Каталонија, која се противи на каталонската независност, донесе одлука за забрана за одржување на најавената седница на Парламентот на Каталонија.
Судот нагласи дека одржувањето на каква било седница ќе се смета за нелагално и се закани дека лидерите на каталонскиот Парламент ќе се соочат со кривична одговорност доколку ја игнорираат судската одлука.
Претходно денеска шпанскиот премиер Маријано Рахој го повика претседателот на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон да се откаже од плановите за еднострано прогласување независност на Каталонија, со цел да се „избегне поголемо зло“.
Рајох нагласи дека за решавање на кризата во Каталонија потребно е враќање на „легалните текови“.
– Колку што е можно побрзо (Пуџдемон) треба да изјави дека нема еднострано да прогласи незавиност, со цел да се избегне поголемо зло, наведе Рахој.