Поддржувачи на исламска партија активираа рачно израбитени бомби и влегоа во судир со полицијата денеска во Бангладеш за време на генерален штрајк, при што загинаа три лица, а десетици беа повредени, соопшти полицијата.
Партијата „Џамаат-и-ислами“ повика на национален штрајк во поддршка на барањето, властите да го прекинат судскиот процес против некои нејзини лидери, обвинети за злосторства против човештвото за време на војната на Бангладеш за независност од Пакистан во 1971 година.
Во округот Џесор избувнаа судири меѓу демонстрантите и полицијата, при што загина еден полицаец, а други осум беа повредени.
Двајца демонстранти загинаа во судири во градот Богра, на околу 176 километри од главниот град Дака. Според локалните медиуми членови на „Џамаат-и-ислами“ активирале рачно изработени бомби и нападнале неколку автомобили во поддршка на протестот. Неколку лица се повредни во насилства во главниот град Дака, се наведува во соопштенијата.
Против шестмина лидери на партијата, вклучително претседателот Маулана Мотиур Рахман Низами се води судски процес во специјализиран суд во Дака за воени злосторства за време на војната за независност. Меѓународните организации за заштита на човековите права повикаа за правични и транспарентни судски процеси, во согласност со меѓународните стандарди.